Д-р Митре МИТРЕСКИ, редовен Професор (во пензија), е роден на 6 јуни 1944 г. во с. Журче, Демир Хисар. Основно училиште завршил во родното место, гимназија во Битола, а дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група физика, во 1968 г. Научен степен магистер по физички науки добил на Калифорнискиот државен универзитет во Чико, Калифорнија, САД. Со научен степен доктор на физички науки се стекнал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на докторската теза „Некои оптички, фотоелектрични и термоелектрични карактеристики на тенки филмови од кадмиум сулфид“. Редовно е вработен на Факултетот од октомври 1969 г., најпрво како асистент, а потоа и како наставник на Институтот за физика. Од изборот во наставничко звање изведувал настава и вежби по апарати и инструменти и настава по електромагнетизам (за студентите на Институтот за физика) и одбрани делови од физика (за студентите на Институтот за информатика). Бил ангажиран и на постдипломски студии по физика на кондензирана материја, насока полуспроводници и течни кристали. Физиката на полуспроводниците или, поконкретно, оптичките и електрооптичките својства на полуспроводниците, е потесната научна област во која се одвива научната активност на д-р Митрески. Учествувал во работата на десетина научноистражувачки проекти, реализирани на Институтот за физика или во МАНУ. Има објавено, како автор или коавтор, четириесетина научни трудови во интернационални, југословенски и македонски списанија. Учествувал на петнаесетина научни конгреси, конференции, симпозиуми и собранија, со приближно исто толку соопштенија, како автор или коавтор. Во рамките на еден поголем апликативен проект на Институтот за физика учествувал во испитувањето на горливост и топлоспроводливост на некои градежни материјали. Активно соработувал со Катедрата по физика на тврдо тело на Универзитетот во Вороњеж, Руска Федерација, и со неколку други надворешни институции во рамките на меѓународен проект преку МАНУ. Учествувал или учествува во различни органи на управување на Факултетот, во различни постојани или времени комисии. Член е на Друштвото на физичари на Република Македонија, а во неколку мандати бил и член на неговото претседателство. Во еден мандат бил и раководител на Заводот за физика на кондензирана материја. Бил или е член на редакцискиот одбор на Годишен зборник – физика и на списанието за популаризација на физиката Импулс.