Проф. д-р Александар АНДОНОВСКИ (1939 - 2025)
Д-р Александар Никодин АНДОНОВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 1 март 1939 г. во с. Лесково, Демир Хисар, каде што го завршил основното образование. Средно образование (учителска школа) завршил во 1959 г. во Битола. Две години работел како учител во Демир Хисар. Од 1961 до 1965 г. студирал физика на ПМФ – Скопје и за четири години дипломирал со среден успех 8,84. По отслужувањето на воената обврска, работел во гимназијата Ј.Б. Тито во Битола. Од 1 јуни 1967 г. е асистент по експериментална физика на ПМФ – Скопје. Во учебната 1969/70 г. се запишал на постдипломски студии на насоката физичка оптика и магистрирал во 1972 г. на тема „Расејување на светлината (теориски основи и примена)“. Во 1977 г. ја одбранил докторската дисертација под наслов „Истражување на надмолекуларни структури на ПВЦ полимерот во органски растворувачи со расејување на светлината во и надвор од електрично поле“. За предавач е избран во 1976 г., за доцент во 1978 г., за вонреден професор во 1983 г. и за редовен професор во 1988 г. За редовен професор е реизбран во 1994 г. Уште пред изборот за предавач, во учебната 1974/75 г., држел настава по предметот спектроскопија сè до учебната 1988/89 г. Од учебната 1989/90 г. држел настава по предметите атомска физика со спектроскопија и биофизика за студентите по физика. Покрај тоа, држел настава и за студентите од Рударско-геолошкиот факултет во Штип, за студентите по производно-техничко образование и по стоматологија. За предметите спектроскопија и биофизика, кога тие за првпат биле воведени, оформил лабораториски практикуми. На студиски престои, односно специјализации, бил на Институтот „Руѓер Бошковиќ“ во Загреб (1971 г.), во БАН – Софија (1975/76) и на Техничкиот универзитет во Западен Берлин (1980/81), а имал и краток престој во лабораториите за електрооптика на универзитетите во Саутемптон, Аберсвит, Манчестер и Шефилд (1986). Ја развил научноистражувачката лабораторија за електрооптика на дисперзни системи со следните методи: статичко расејување на светлината во и надвор од електрично поле; динамичко расејување на светлината; двојно прекршување на светлината во електрично поле; импенданс на спектрометрија; електричен отпор на изолатори; вискозиметрија на високомолекуларни соединенија; еластични константи на течни кристали; диелектрична и оптичка анизотропија на течни кристали. За потребите на повеќе стопански организации, учествувал во експериментални мерења од различен вид. Бил раководител на четири домашни проекти и на еден меѓународен проект, а учествувал и во четири други проекти (еден меѓународен). Има објавено 50 научни трудови во списанија во земјата и 20 научни трудови во странски списанија. Еден е од авторите на два средношколски учебници. Има објавено 20 стручни трудови и 23 написи за популаризација на физиката. На научни манифестации презентирал 40 трудови. Бил ментор на 7 магистерски работи и на 4 докторати. Соработувал со Факултетот за физика во Софија, а одржува постојана соработка и со проф. д-р С. Стоилов од Институтот за физичка хемија, БАН – Софија. Во рамките на Школата „Млади физичари“ одржал голем број предавања, учествувал во комисии за републичките натпревари по физика и самиот бил претседател на овие комисии, а како претседател на претседателството на СДФ од Републикава во 1984 г. го организирал сојузниот натпревар по физика во Банско кај Струмица.
Проф. Андоновски починал на 25 јуни 2025 година во Скопје.