Проф. д-р Васил МИЦЕВСКИ (1941 - 2025)
Д-р Васил МИЦЕВСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 23 ноември 1941 г. во с. Негрево, општина Берово. По завршување на гимназијата, дипломирал на Катедрата по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје (1964 г.). По дипломирањето, три години работел како професор по физика во гимназијата во Св. Николе. Во учебната 1968/69 г. е избран за асистент по физика на Електромашинскиот факултет во Скопје. Во учебната 1969/70 г. се запишал на постдипломски студии по физика, насока физичка оптика. Магистрирал во 1974 г. со тема на магистерски труд „Интерференциони филтри“. Во јуни 1979 г., на Факултетот за физика во Скопје ја одбранил својата докторска дисертација „Оптимализација на оптичките карактеристики на индукционите филтри“. Во 1980 г. е избран за доцент по општа физика при Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1985 г. за вонреден професор по истиот предмет, а во 1992 г. е избран за редовен професор по предметот атомска и нуклеарна физика. Во текот на својата работа како асистент (а подоцна и како наставник), проф. В. Мицевски работел со студентите од повеќе факултети: Електромашинскиот, Технолошко-металуршкиот, Природно-математичкиот, Шумарскиот, Стоматолошкиот и други. Бил ангажиран во изведувањето на наставата на постдипломските студии од областа на физичката оптика и сончевата енергија. Во 1973 г., осум месеци специјализирал во Институтот за тенки слоеви во Марсеј, работејќи врз проблематика на примена на тенките слоеви во оптиката. Неговата научна активност е од областа на оптиката на тенките слоеви и високотемпературната суперспроводливост. Тој е основач на лабораторијата за истражување на електричните својства на високотемпературните суперспроводници. Учествувал во повеќе научноистражувачки проекти од областа на оптиката, преку Заводот за техничка соработка на Скопје со САД, учествувал во меѓународниот проект „Деградација на огледала“, како и во два проекти од областа на високотемпературната суперспроводливост (на еден бил раководител). Проф. д-р В. Мицевски има публикувано 61 научни трудови во списанија во земјата и во странство и 22 стручни трудови. Тој е автор на учебното помагало „Збирка на решени задачи по физика“, издадено од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на 3 средношколски учебници и 6 учебни помагала. Учествувал во работата на повеќе домашни и меѓународни научни собири и тоа: Конгреси на МФАЈ, на повеќе Југословенски симпозиуми за кондензирана материја, во работата на 4 конференции на Балканското физичко друштво, на 6 конференции на Друштвото на физичарите на Р. Македонија и други. Ментор е на една докторска дисертација и на три магистерски работи. Проф. В. Мицевски дава придонес и во соработката на нашиот универзитет со други универзитети, успешно соработувајќи со колеги од универзитетите во Краков, Вороњеж, Институтот за физика на тврдо тело при Бугарската академија на науките и други. Членувал во Друштвото на математичарите, физичарите и астрономите на Југославија и во Друштвото на физичарите на Македонија. Бил претседател и секретар на Друштвото на физичарите на Македонија. Активно учествувал во работата на Школата „Млади физичари“ за популаризација на физиката кај средношколските ученици.
Проф. Мицевски починал на 24 јануари 2025 година во Скопје.