Проф. д-р Олга ГАЛБОВА (1960 - 2023)
Д-р Олга ГАЛБОВА, редовен професор, е родена 1960 г. во Ташкент, Узбекистан. Студиите по применета физика на Факултетот за физика во Скопје ги завршила на 11.1984 г. со одбрана на дипломската работа со наслов „Аномален скин-ефект во тенки филмови“. Од 1 април 1985 г. е вработена на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје. Постдипломските студии по теориска физика на Институтот за физика при ПМФ ги завршила во 1991 г. со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Високофреквентни акустични појави во метали“. Во 1997 г., со одбрана на докторската дисертација со наслов „Електроакустични феномени во спроводни средини (нискодимензионални структури, нелинеарни ефекти, сендвич структури)“ се здобила со звањето доктор по физички науки. Во 1992 г. е избрана во звањето асистент по теориска физика на Институтот за физика при ПМФ. Како асистент изведувала нумерички вежби по квантна механика, математичка физика и општа физика и лабораториски вежби на студиски групи на други Институти на ПМФ, како и на други факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 1998 г. е избрана во звањето доцент, а во 2007 г. во звањето редовен професор на ПМФ. Како наставник одржувала предавања по предмети на првиот и вториот циклус студии: општа физика, теориска електродинамика со специјална теорија на релативност, одбрани делови на теорија на релативност, историја на астрономија, квантна механика, балистика, вовед во општа теорија на релативност и други. Била ментор на голем број дипломски работи и на четири магистерски труда. Остварила 15 студиски престои во институции во различни земји, меѓу кои: Украина, Италија, Бугарија, Данска, Шведска, САД, Грција, Англија, Полска и др. Учествувала со научни презентации на 21 конференции; две во Републиката, а другите во различни европски земји. Има објавено 27 научни трудови, од кои 4 трудови се објавени во домашни списанија, 23 се објавени во меѓународни списанија од кои 18 трудови се во списанија со фактор на влијание. Научните трудови се од областа кондензирана физика (теорија), поточно се однесуваат на истражувања на електроакустични и термомагнетни појави во нискодимензионални спроводници. Учествувала во шест научноистражувачки проекти финансирани од Министерството за образование и наука на Р. Македонија и во два образовни проекти „Темпус“. Била раководител на научноистражувачкиот проект „Фотометриски и астрометриски проучувања на астероидниот појас“, кој се работеше во периодот од 2001 до 2004 г. и нa проектот „Темпус“, “Истражувања на пазарот на трудот за потребата од различни профили на физичари. Нова Саплемент диплома“ во периодот од 15.10.2005 до 15.10.2006 г. Член е на стручните здруженија: Друштво на физичари на Р. Македонија, Здружението на инженерите на Р. Македонија, Македонско астрономско друштво и Скопско астрономско друштво. Била претседател/член на научни одбори на конференции што ги организира Друштвото на физичари на Р. Македонија, како и член на уредувачкиот одбор на научното списание Physica Macedonica. Била организатор на летните школи „Млади физичари“ и зимските школи по астрономија и има објавено повеќе стручни трудови во списанието Импулс, во Билтените на летните школи ’Млади физичари‘ и во Билтените на зимските школи по астрономија. Во периодот од 2004 до 2007 г. била раководител на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Проф. Галбова починала на 3 август 2023 година.