Проф. д-р Ѓорѓи СИНАДИНОВСКИ (1930 - 2022)
Д-р Ѓорѓи СИНАДИНОВСКИ, редовен професор (во пензија) е роден во Гостивар во 1930 г. Основното образование го стекнал во родното место и во Скопје. Завршил Среднотехничкото училиште (хемиско-технолошка насока) во Загреб. На Филозофскиот факултет во Скопје (група физика) дипломирал во 1955 г. Во текот на 1962 г. ја завршил Школата за примена на радиоизотопи во Белград. Во 1968 г. престојувал на Физичкиот институт во Загреб, каде што работел на рендген-структурна анализа, а во 1969 г. престојувал на Департманот за електроника во Шефилд, Англија, работејќи на електричната спроводливост на полуспроводници. Докторирал во 1974 г. со дисертација под наслов „Испитување на некои електрични својства на легурите од системот Cd-Sn во врска со дијаграмот на состојбата“. Работел како наставник по физика и математика во основно училиште, продолжил како професор во гимназијата „Цветан Димов“, а во 1960 г. се вработил како асистент на Институтот за физика на ПМФ. Изведувал настава по група предмети од физика на кондензирана материја и физика на полуспроводници, како и општа физика за студентите по биологија, хемија и географија. Бил наставник и ментор на постдипломските студии по физика на кондензирана материја и сончева енергија на Институтот за физика и по физика на тврдо тело на Електротехничкиот факултет. Бил ментор или консултант при изработка на неколку докторски дисертации. Автор е на три средношколски учебници, на еден лабораториски практикум и на учебникот „Физика на тврдо тело“, прв учебник од оваа област на Универзитетот. Научната активност на д-р Синадиновски се одвивала главно во областите: физика на кондензирана материја (метали, легури), физика на полуспроводници и физика на полуспроводнички филмови применливи во соларната технологија. Бил соработник во десетина научноистражувачки проекти, а на некои од нив бил и раководител. Дел од резултатите на неговата научна работа се публикувани: 25 во македонски списанија, шест во југословенски и десетина во интернационални списанија. Со научни соопштенија учествувал на повеќе од десет југословенски симпозиуми по физика на кондензирана материја, на сите конгреси на математичари, физичари и астрономи на СФРЈ и на Првата конференција на Друштвото на физичарите на Република Македонија. Проф. Синадиновски покажал забележителна стручна и апликативна дејност. Има печатено пет стручни трудови, не сметајќи ја неговата активност во работата на Школата „Млади физичари“. Бил активен (особено при конструирањето специјални апаратури) во еден апликативен проект во рамките на кој се испитувани неколку особини (горливост, површинска и волуменска електроспроводливост, топлоспроводливост, влагоспроводливост) на различни градежни материјали. Соработувал со Катедрата по физика на тврдо тело на Универзитетот во Вороњеж, Руска Федерација и со колеги на универзитетите во Загреб и во Белград. Во еден мандат бил претседател на претседателството на Друштвото на физичарите на Република Македонија. Бил ангажиран во работата на Школата „Млади физичари“, во разни органи и комисии на Факултетот, а бил и продекан на тогашниот Факултет за физика. Бил долгогодишен соработник на издавачкото претпријатие „Просветно дело“, на Заводот за унапредување на школството и на други организации и институции. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец.
Проф. Синадиновски починал на 23 јануари 2022 година.