IN MEMORIAM д-р Зафир Стојанов

Предмети



Биографија

Проф. д-р Зафир СТОЈАНОВ (1930 - 2022)

Д-р Зафир СТОЈАНОВ, редовен професор (во пензија), е роден на 7 октомври 1930 г. во Делчево. Со основно образование се здобил во родното место и во Скопје. Во 1945 г. го завршил Среднотехничкото училиште во Скопје (електротехничка насока). Како електротехничар работел една година (1949/50) во военото претпријатие „Боба Милетиќ“ во Чачак, тогашна СР Србија. По завршување на воениот рок (1951 г.), се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата физика. Дипломирал во 1957 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а истата година се вработил како асистент на Институтот за физика при ПМФ. Како стипендист на УНЕСКО, од октомври 1959 г. до јули 1960 г. престојувал на специјализација во III Физички институт на универзитетот во Гетинген, Германија. Во 1972 г. оформил лабораторија за ултразвучни истражувања во областа на кондензирана материја. Докторирал во 1974 г. со дисертација од областа на физиката на цврсто тело (со помош на ултразвук испитувани се метали и легури добиени по методите на прашочната металургија). Во 1977 г. престојувал во Институтот за физика на метали и легури при Високата техничка школа на Универзитетот во Ахен, Германија, каде што воспоставил контакти за заемна соработка. Со работа започнал како наставник по физика во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје уште во 1955 г. По дипломирањето, во 1957 г., се вработил како асистент на Институтот за физика каде што водел вежби по општа физика за студентите по физика, математика, хемија и биологија. По изборот за наставник, сè до пензионирањето (како редовен професор), изведувал настава по општа физика за студентите по математика, хемија и биологија на ПМФ, Технолошко-металуршкиот и Градежниот факултет и за студентите рендгенолози при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1976 г. изведувал настава на Универзитетот во Битола. Автор е на 4 средношколски учебници, на 2 авторизирани скрипти по општа физика (5 изданија), 2 основни учебници: „Општа физика 1“ (две изданија) и „Општа физика 2“ (едно издание) наменети за студентите на повеќе факултети на Универзитетот во Скопје. Бил коавтор на учебникот „Техничка физика“ (во соавторство со Ѓ. Ивановски и В. Урумов) наменет за студентите од Техничкиот факултет при Универзитетот во Битола. Научната активност на д-р Стојанов претежно се одвива во областа на физиката на кондензираната материја (синтерувани метали и легури) чиишто својства се испитувани со помош на ултразвук. Бил соработник во 11 научноистражувачки проекти, од кои на три бил раководител (главен истражувач). Објавил 36 научни трудови во домашни и 8 во меѓународни списанија. Коавтор е на монографијата „Физички принципи на ултразвучната дијагностика и терапија“, во соавторство на С. Стојменов, издание на МАНУ (2001). Учествувал на 24 симпозиуми, од кои 15 надвор од Македонија. Бил ментор на 2 магистранди и коментор на 1 докторанд. Неколку соработници во Институтот за физика ги обучил за работа со ултразвучната апаратура. Учествувал во апликативната дејност на Институтот за физика во чии рамки биле испитувани особини на градежни материјали (горливост, топлоспроводливост, влагопропусливост, површински и волуменски отпор). Д-р Зафир Стојанов пројавувал особена активност во работата на Друштвото на математичарите и физичарите на Македонија, каде што еден мандат бил секретар и пројавувал активност во рамките на Школата „Млади физичари“, за популаризација на физиката кај младите.

Проф. Зафир Стојанов починал на 6 јануари 2022 година.

 

Следни испити

Август/Септември
П В С Ч П С Н
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31123456
сите

Резултати од испити

по датум     по предмет


© 2026. Институт за физика, ПМФ, УКИМ, Скопје.