Проф. д-р Невенка АНДОНОВСКА (1945 - 2020)
Д-р Невенка АНДОНОВСКА, редовен професор (во пензија), е родена на 8 април 1945 г. во Велес. Таму, како одличен ученик, го завршила основното и средното образование. Во 1965/66 г. се запишала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, група за физика, каде што по четири години дипломирала. По дипломирањето, во 1969 г., се вработила на ПМФ како асистент по експериментална физика. Во 1978 г. го одбранила магистерскиот труд под наслов Оптички методи за следење на дифузионите процеси во течности и мерење на нивниот коефициент на дифузија. Во 1988 г. ја одбранила докторската дисертација под наслов „Испитување на дифузионите процеси кај полимерни раствори со холографска интерферометрија“. Во 1989 г. е избрана за доцент по општа физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1994 г. е избрана за вонреден професор по предметите биофизика (за студентите стоматолози) и физика (за студентите од ветеринарна медицина). Изведува настава по предметите вовед во атомска и нуклеарна физика и радијациона физика. Во 1999 г. е избрана за редовен професор кога предава и општа и радијациона физика за студентите од биологија, еколошка насока. Како асистент учествувала во изведувањето на практичните и нумеричките вежби од повеќе предмети за студентите по физика, хемија, математика, биологија, медицина, стоматологија, фармација и дрвна индустрија. Како долгогодишен соработник во проектот „Фундаментални, применети и развојни оптички истражувања“, чиј раководител бил проф. д-р С. Бахчеванџиев, се изградила во експериментатор-истражувач од областа на холографската интерферометрија. Од оваа област се најголемиот дел од нејзините научни трудови. Учествувала и во проектите: „Истражување на макромолекуларни системи со оптички и електрооптички методи“ во периодот 1992–1995 г. и „Истражување на кинетички, конформациони и електрооптички својства на макромолекуларни системи“. Била раководител на научноистражувачкиот проект „Молекуларни и макроскопски параметри на биополимери за контролиран пренос на супстанции и електрично спроводни полимери“. Д-р Невенка Андоновска има објавено 37 научни трудови, 25 стручни трудови и 22 написи во списанието Импулс, автор е на 3 универзитетски учебници и е еден од авторите на 2 средношколски. Зела учество на 27 конгреси и симпозиуми. Во својство на предавач има учествувано на два семинари за наставниците. Учествувала во изработката на терминолошкиот речник на МАНУ за физика. Постојано се ангажира во изведувањето на републичките натпревари по физика што за средношколските ученици ги организира Друштвото на физичарите на Македонија. Повеќе од 10 години била претседател на комисијата за изведување на републичките натпревари по физика за учениците од основните училишта. Заедно со проф. д-р В. Урумов го уредуваат Информативниот билтен што го издава Друштвото на физичарите на Македонија. Повеќе пати држела предавања за популаризација на физиката. Од изборот за доцент е член на комисијата за прием на нови студенти на студиите за виши рендгенски техничари. Во Друштвото на физичарите на Македонија била член на Извршниот одбор каде што вршела секретарска должност и добила признание – повелба. Била секретар на Школата „Млади физичари“ и на редакцискиот одбор на списанието Годишен зборник. Била раководител на Заводот за оптика и спектроскопија и на двопредметните студии математика/физика. Била член на Претседателството на Сојузот на просветните работници на Р. Македонија, каде што била претседател на комисијата за прашања во врска со професионалниот кодекс на просветниот работник.
Проф. Андоновска починала на 14 август 2020 година во Скопје.