Проф. д-р Ордан ПЕЧИЈАРЕ (1913 - 2003)
Д-р Ордан ПЕЧИЈАРЕ, редовен професор (28 декември 1913 г., Прилеп – 23 ноември 2003 г., Скопје). Основно образование завршил во Прилеп, а гимназија во Битола. Студирал на групата физика/математика на Белградскиот универзитет, каде што дипломирал во 1937 г. По дипломирањето работел како професор по физика во Штип, Гнилане, Горњи Милановац, Битола и Лом во Бугарија. За време на војната бил во составот на Петтата македонска ударна бригада. Во 1944 г. е назначен за прв директор на гимназијата во Битола. Директор е на првата виша Педагошка школа во Македонија и професор по физика во таа институција. Во 1946 г. е избран за предавач по физика на Филозофскиот факултет во Скопје, од 1947 г. е наставник по физика на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што предавал се до заминувањето во пензија. Во 1954 г. е избран за доцент, во 1960 г. за вонреден професор, а во 1965 за редовен професор по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Пензиониран е во 1979 г. Професорот Печијаре предавал општа физика I и општа физика II, за студентите физичари, а во почетокот и математичари. Подоцна тој ги предаваше предметите: механика со молекуларна физика и електромагнетизам. Автор е на првиот средношколски учебник на македонски јазик (Физика за IV година), во соавторство со С. Бахчеванџиев издаден во 1964 г., и коавтор на учебник по физика во два тома за студентите по медицина. Во периодот од 1960 до 1979 г. е шеф на Институтот за физика, а од 1969 до 1975 г. декан на Природно-математичкиот факултет, односно на Факултетот за физика. Неговиот научен интерес е од областа на физичките својства на бинарните легури, област од која е и неговата дисертација. Тој работи и на појавите, методите и уредите за детектирање на радиоактивните честички. Дванаесет трудови (со над 1.000 страници текст) долго претставувале единствена литература од оваа област на македонски јазик. Трета област на неговата работа е методиско-педагошката практика во наставата по физика. До неговиот избор за редовен професор тој има објавено 35 научни трудови во домашни и во странски списанија. Забележителни се трудовите од областа на својствата на легурите. Кон оваа област тој се ориентирал при студискиот престој кај професор Дармоа на Сорбона во Париз (каде што престојувал во текот на 1956/57 учебна година). Неговите научни трудови, објавени во списанието Comptes Rendusна Француската академија на науките (во 1957 и 1958 г.), претставуваат први трудови од областа на физиката од наш автор објавени во некое странско списание. Професор Печијаре е раководител на повеќе научни проекти од областа на физиката на металите, како на сојузно, така и на републичко ниво. Тој е основоположник на постдипломските студии од областа на физиката на метали. Бил ментор или член на комисиите за одбрана на магистерски или докторски дисертации на повеќе автори. Освен ангажманот на Природно-математичкиот факултет, бил активно ангажиран од страна на Министерството за просвета како советник и претседател на комисијата за полагање државен испит за професорите по физика во средните училишта. Професорот Печијаре бил активен член на Друштвото на математичарите и физичарите на Република Македонија. Тој бил прв потпретседател на новосоздаденото Друштво во 1950 г., а подоцна и негов претседател (1953 г). Бил делегат од Р. Македонија во органите на Сојузното друштво на математичари, физичари и астрономи на Југославија, член на редакција на научни и стручни списанија од областа на физиката на сојузно ниво. Поради значајната активност во Друштвото на физичарите беше прогласен за почесен член на Друштвото. За својата долгогодишна работа проф. Д-р Ордан Печијаре е носител на Републичката награда „11 Октомври“ за животно дело.
Проф. Печијаре починал на 23 ноември 2003 година во Скопје.