Проф. д-р Васил ГУЧЕВ (1930 - 2002)
Д-р Васил ГУЧЕВ, редовен професор (17 декември 1930 г., Гевгелија – 22 ноември 2002 г., Скопје). Основно образование завршил во родното место, а средно во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица. На Природно-математичкиот факултет во Скопје се запишал во учебната 1951/1952 г. По покана од тогаш отворената гимназија „Јосиф Јосифовски“, се вработил во Гевгелија како наставник по физика и математика. По отслужувањето на воениот рок и дипломирањето, се вработил во училиштето за образование на возрасни „Благој Давков“ во Скопје. На Институтот за физика при ПМФ, по изборот за асистент, стапил на работа во 1961 г. Изведувал вежби и демонстрации за студентите физичари, математичари, хемичари, биолози и географи, како и за студентите од другите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – медицинари, стоматолози, електромашинци, технолози итн. Во 1962 г. ја завршил школата за работа со радиоактивни изотопи при Сојузната комисија за нуклеарна енергија во Белград и за тоа се здобил со сертификат. Како стипендист на Сојузната влада работел една година (1963/64) во Институтот за нуклеарна енергија „Борис Кидрич“ во „Винча“ – Белград. Во 1970 г. бил хабилитиран и избран за доцент. Во 1975 г. ја одбранил докторската дисертација под наслов „Специфичниот електричен отпор, термичкиот коефициент на електричниот отпор и Хол коефициентот на легурите од системот кадмиум-антимон како индикатори за утврдување на фазниот дијаграм“. Предавања и вежби изведувал по предметите мерења во физиката, предмет што тој го вовел на Институтот, и методика на наставата по физика со хоспитации. Д-р Васил Гучев учествувал во работата на самоуправните органи на факултетот. Уште како асистент бил член на наставничкиот совет на ПМФ. Бил секретар на Друштвото на математичарите, физичарите и астрономите на СРМ и член на редакциониот одбор на билтенот на друштвото на МФА на СРМ. Бил претседател на управниот одбор на Центарот за примена на радиоактивни изотопи во стопанството на СРМ. По реформата на универзитетот бил избран за продекан на ОЗТ Факултет за физика, а подоцна и за продекан на ПМФ. Бил претседател на Сојузот на друштвата на физичарите на Македонија, претседател на Редакцискиот одбор на Билтенот на СДФ на СРМ, потпретседател на Комисијата за термометрија при Сојузниот завод за мерки и благородни метали, претседател на Управниот одбор на Центарот за примена на радиоактивни изотопи и др. Неговата научна активност била насочена кон областа на физиката на металите и легурите, како и кон примената на радиоизотопите во анализата на лесните елементи. Учествувал во пет научни проекти, објавил три трудови во странство, во пет списанија надвор од РМ и во повеќе списанија во РМ. Се занимавал и со апликативна дејност, и тоа од областа на испитувањата на некои параметри на кабли, при што дејноста била спроведувана во фабрика во Неготино, а мерењата на топлоспроводливост во соработка со градежната оператива. Работел и на примената на радиоизотопи преку центарот за радиоизотопи во Скопје. Соработувал со физичкиот институт при Јагелонскиот универзитет во Краков (Полска), со ИНН „Борис Кидрич“ во „Винча“, со Центарот за нуклеарни истражувања во Сакле (Франција) и со Центарот за примена на радиоизотопи во Скопје. Одликуван е со Орден на трудот со златен венец.
Проф. Гучев починал на 22 ноември 2002 година во Скопје.