Проф. д-р Надежда СПАСОВА (1912 - 1978)
Д-р Надежда Ташко СПАСОВА, вонреден професор (16 декември 1912 г., Битола – 22 ноември 1978 г., Ријека, Р. Хрватска). Родена е во семејство на учител и борец за национални слободи. Со основно и средно образование се здобила во родниот град. Во 1933 г. се запишала на Белградски универзитет. Отпрвин студирала литература, за потоа физика и дипломирала на Белградскиот универзитет. По одлично завршените студии работела како средношколски професор во Книн, Прилеп, Видин и Битола. Извесно време била директор на гимназијата „Климент Охридски“ во Охрид. На Катедрата за физика при Филозофскиот факултет во Скопје работела од 1 септември 1948 г., најпрвин како постар асистент, а потоа како предавач во 1950 г. за потоа во 1954 г. да биде избрана за вонреден професор, звање што го задржала сè до своето пензионирање во 1975 г. Се занимавала со истражувања на вентилното дејство на волфрамовите аноди, кои беа предмет на нејзината хабилитациска работа во 1954 г. На Институтот за физика држела настава по предметите: општа физика I и II, топлина, атомска физика и методика на наставата по физика. На Институтот водела грижа за библиотеката и вовела повеќе демонстрациони експерименти и за нив подготвила упатства. Публикувала во списанијата Билтен на Друштвото на математичарите и физичарите на Македонија и Годишен зборник на Филозофскиот факултет. Паралелно со наставно-научната дејност, професор Нада Спасова имала и други обврски: била постојан член на комисијата за државни стручни испити по физика, била активен член на Советот за образование на СРМ при изработка на наставните планови и програми по физика, како и при вршење инспекциска работа на наставата по физика во средните училишта. Исто така, таа била и активен член на Друштвото на математичарите и физичарите на Македонија каде што ги имала функциите секретар и благајник. Одржала и голем број предавања на Народниот универзитет, Управната школа и преку „Радио Скопје“, со што придонесувала за популаризацијата на физиката.
Проф. Спасова починала на 22 ноември 1978 година во Ријека.