Проф. д-р Марин Каталиниќ (1887 - 1959)
Д-р Марин КАТАЛИНИЌ, редовен професор (20 август 1887, Трогир, Хрватска – 2 декември 1959, Скопје). Пораснал во фамилија што традиционално се занимавала со градба на бродови. Прв ја напуштил фамилијарната професија и се оддал на науката. Класична гимназија учел во Сплит (1898–1906 г.). На Загрепското сеучилиште студирал математика и физика како главни предмети. Бидејќи, според тогашните закони, во Далмација не се признавале испитите положени на Загрепското сеучилиште, Марин Каталиниќ заминал во Виена (во 1911 г.), каде што во 1913 г. ги завршил студиите. Од 1913 до 1927 г. бил професор во гимназиите во Задар и во Велика Кикинда. Во 1927 г., на барање на Загрепското сеучилиште, поминал на работа во машка учителска школа во Загреб и бил распореден на работа во Физичкиот завод при Филозофскиот факултет. Докторската дисертација под наслов „Стојни бранови на циркуларно и елиптички поларизирана светлина“ Каталиниќ ја започнал во 1913 г. во Виена кај професорот Хазенерл (Hasenohrle), каде што го изработил нејзиниот теориски дел. Експерименталните истражувања биле правени во гимназискиот кабинет во Велика Кикинда. Дисертацијата е одбранета во Белград на 30.1.1928 г., откако прво била публикувана во реномираното списание Annalen der Physik. На Физичкиот завод при Загрепското сеучилиште, Марин Каталиниќ им предавал физика на студентите по ветерина, медицина и фармација. Во септември 1945 г. станал редовен професор на Филозофскиот факултет во Загреб. Во 1947 г. бил гостин на Филозофскиот факултет во Скопје, а есента, 1947 г., станал редовен професор на Катедрата за физика при овој факултет каде што останал речиси до својата смрт во 1959 г. Проф. Каталиниќ предавал голем број наставни дисциплини: калорика, термодинамика, наука за електрицитетот, одбрани делови од електромагнетизам, увод во физички мерења, оптика, одбрани делови од механика и акустика, одбрани делови од оптика, наизменични струи, школско експериментирање, методика на наставата по физика, увод во атомската физика, одбрани делови од механика. За сите овие предмети тој ги поставил и ги водел соодветните практикуми. Тој ги оформил сите наставни и научни лаборатории на Институтот за физика, ги проектирал сите потребни инсталации во нив, со негово залагање е создадена богата збирка апарати и инструменти, потребни за вежбите и демонстрационите експерименти, многу негувани во тој период на постоење на Институтот. Бил раководител на физичките семинари и ментор на дипломските работи на најголем број студенти од првите генерации физичари. Публикувал 40 научни трудови, од кои повеќе од половината во реномирани странски списанија. Автор е на првите научни публикации од областа на физиката објавени во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет и во Билтенот на ДМФМ. Научниот интерес на проф. д-р Каталиниќ опфаќа широк круг појави. Прв во Југославија започнал со истражувања нуклеарни дезинтеграции со помош на фотографски плочи. Проф. Каталиниќ има објавено повеќе средношколски учебници и помагала, автор е и на првиот универзитетски учебник по физика издаден од Универзитетот во Скопје, „Одбрани делови од механика“ (1959 г.), како и на еден од првите учебници по физика во Македонија, пишуван по програма за гимназиите, преведен на македонски јазик. Се занимавал со популаризација на физиката. Веднаш по војната ја објавил книгата „Атомско доба“ во која, за првпат на еден од јужнословенските јазици, елементарно биле објаснети основните вистини од нуклеарната физика. Каталиниќ бил раководител на Заводот за физика во Загреб (1943–1947 г.), шеф на Институтот за физика (од 1947 до 1959 г.), прв проректор (1949–1951 г.) и ректор (1953–1956 г.) на Универзитетот во Скопје.
Проф. Каталиниќ починал на 2 декември 1959 година во Скопје.