Д-р Георги МАВРОДИЕВ, редовен професор (1 февруари 1928 г., с. Крупник, Благоевградско, Р. Бугарија (починат)). Основно училиште завршил во Крупник; гимназија во Благоевград (1946 г.), а Филозофски факултет (физика) во Скопје (1950 г.). Физички науки докторирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје (9.1.1960 г.) со одбрана на трудот „За исправителните дејства на Бунзенов пламеник“. По докторирањето (1965 г.) престојувал 10 месеци во Единбург, Велика Британија. Настава на Универзитетот во Скопје изведувал по предметите: општа физика – едногодишни курсеви за студентите хемичари и биолози; архитекти; градежници; машинци; металурзи и едносеместрален курс за студентите стоматолози и медицинари. Механика со топлина и термодинамика, електромагнетизам со оптика и атомска физика, електромагнетизам – сите едногодишни предмети за студентите физичари. Членувал во Друштвото на математичарите, физичарите и астрономите на Југославија и во Друштвото на физичарите на Македонија. Бил раководител на проектите: 1. „Искачување на некои диелектрични течности по ѕидовите на садот во силно електрично поле“ (едногодишен); 2. „Мерење на температурата на електроните во плазма со една електростатска електрода“ (едногодишен); 3. „Термички истражувања на легури од системите: Zn-Sb, Cu-Sb, Ag-Zn, Cu-Zn, Pb-Cu и Cd-Pb“ (тригодишен); 4. „Можности за изградба на сончева електроцентрала во Р. Македонија“ (петгодишен); 5. „Добивање и испитување на високотемпературни суперспроводници“ (тригодишен). Учествувал во два проекти од областа на физиката на цврсто тело (2-3 г.) и во еден тригодишен проект „Добивање и испитување на високотемпературни суперспроводници“. Објавени трудови: 3 во интернационални списанија, 6 во национални списанија надвор од Македонија, 6 во македонски списанија, 24 во зборници, 5 учебници за гимназија, 3 радиоемисии. Учествувал со 28 соопштенија на собири надвор од Македонија и со 10 соопштенија на собири во Македонија. Бил ментор на неколку магистранди и докторанди. Вршел апликативни истражувања од областите: топлоспроводност и влагопропусност на материјали, односно термичка дилатација (6 истражувања). При реализацијата на проектот под број 4 соработувал со институции од Франција, Австралија, Југославија и Македонија, а при проектот под број 5 со институции од Полска, СССР, Чехословачка. Бил секретар и претседател на Друштвото на математичарите и физичарите, односно на Друштвото на физичарите на Македонија, секретар и претседател на Синдикалната организација на Факултетот, а имал и други функции.