IN MEMORIAM д-р Смилја Конеска

Предмети



Биографија

Проф. д-р Смилја КОНЕСКА (1931-2024)

Д-р Смилја КОНЕСКА, редовен професор (во пензија) (родена Тавчиоска), е родена во 1931 г. во Прилеп. Основното и средното образование ги завршила во Прилеп. Како истакнат ученик во својата генерација била наградена од Министерството за просвета на Македонија. Во учебната 1949/50 г. се запишала на студии по физика на Филозофскиот факултет во Скопје. Дипломирала во 1954 г. Како успешен студент во текот на студиите била ангажирана како демонстратор по физика на Катедрата по физика. Својата наставна кариера ја започнала како апсолвент. Во 1953/54 учебна година била наставник по физика и математика во осумгодишното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје, а наредната учебна година физика предавала во Учителската школа во Скопје. По изборот, во 1955 г. работела како асистент при Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет. Во 1961/62 г. се запишала на постдипломските студии по нуклеарна физика на ПМФ на Универзитетот во Загреб. Магистрирала во 1965 г. со труд од областа на нуклеарната физика. Со степенот доктор по физичките науки се здобила во 1979 г. на ПМФ во Скопје со одбрана на докторска дисертација од областа на физиката на кондензирана материја под наслов „Термодилатациона студија на легурите од системот Sb-Zn“. Во учебната 1964/65 г., Институтот ѝ ја доверил организацијата на наставата по предметот нуклеарна физика за студентите физичари од четврта година. Во 1965 г. е избрана за доцент, во 1980 г. за вонреден професор, а во 1986 г. за редовен професор. Наставата по нуклеарна физика ја изведува до нејзиното пензионирање (1993 г.). Изведувала и настава по современа физика за студентите на насоката метеорологија. Имала шестмесечен престој (1964 г.) на Универзитетот во Копенхаген, тримесечен (1966 г.) во Трст, а зела учество и на меѓународните школи за елементарни честички и реакторска техника во Херцег Нови. Во последните години од наставната дејност подготвила (заедно со проф. Д. Гершановски) учебник по нуклеарна физика и учебник за елементарните честици. Таа ја оформила лабораторијата за вежби по предметот нуклеарна физика и го подготвила практикумот за вежби по овој предмет. Научноистражувачката активност на проф. С. Конеска главно била од областа на физиката на кондензирана материја, а била реализирана преку учество во 7 проекти. Објавила 38 научни и стручни трудови, од кои 29 во списанија во Македонија, а другите во интернационални списанија. Проф. С. Конеска учествувала на 10 научни собири со 13 соопштенија. Проф. С. Конеска остварила повеќегодишна соработка со Физичкиот институт на Јагелонскиот универзитет во Краков. Била член на Сојузната комисија за заштита од јонизирачки зрачења, а активна била и во Сојузниот завод за мерки и драгоцени метали. Била член на Друштвото на физичарите на Р. Македонија и на Друштвото за заштита од јонизирачки зрачења. Била декан на Факултетот за физика во мандатниот период 19811983 г. Во знак на признание за придонесот во развојот на наставната и научната работа од областа на физиката на ПМФ, во 1996 г. добила плакета на Универзитетот и плакета на ПМФ. Признание ѝ било оддадено и од Друштвото на физичарите на Република Македонија со повелбите по повод триесетгодишниот и четириесетгодишниот јубилеј на Друштвото (1980 и 1990 г.).

Проф. Конеска починала на 10 декември 2024 година.

Следни испити

Август/Септември
П В С Ч П С Н
3456789
10111213141516
17181920212223
24252627282930
31123456
сите

Резултати од испити

по датум     по предмет


© 2026. Институт за физика, ПМФ, УКИМ, Скопје.