Љубица Стрезовска Димова е асистент на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена е на 2 мај 1995 година во Неготино. Основното и средното образование го завршила во Неготино со континуиран успех. Прв циклус студии по Теориска физика на ПМФ – Скопје завршила во 2019 година, а втор циклус студии завршила во 2024 година, под менторство на проф. д-р Ирина Петреска. По дипломирањето во учебната 2019/2020 година работела како демонстратор на Институтот за физика, а во декември 2020 година била вработена како виш лаборант на Институтот за физика. За асистент на Институтот за физика е избрана во 2024 година.
Учествува во реализацијата на лабораториски и нумерички вежби по повеќе предмети, меѓу кои Физика 1, Физика 2, Механика, Компјутерска анализа на податоци, Молекуларна физика со термодинамика, Статистичка физика и Историја и филозофија на физиката. Нејзиното главно подрачје од научен интрес е изучувањето на магнетните својства на молекулите, особено преку примена на теоријата на функционал од електронската густина. Автор е и коавтор на повеќе научни и стручни трудови објавени во зборници од конференции и еден труд објавен во научно списание со фактор на влијание. Активно учествува со презентации на научни собири (конференции и школи). Била вклучена како млад истражувач во два меѓународни македонско-австриски проекти. Љубица Стрезовска Димова е активно вклучена во работата на Друштвото на физичарите на Република Македонија, особено во организацијата на натпреварите по физика за средните и основните училишта и научно-популарни активности. Член е на Комисијата за натпревари, а учествува и во организацијата на научни настани.